Кривична пријава и суспензија за полицаецот кој претепаше човек на улица

Кривична пријава е поднесена против полицаец кој употребил физичка сила врз граѓанин во Битола. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денеска  рече дека пријавата е поднесена против П.Г., полициски службеник вработен во СВР Битола поради малтретирање во вршење на служба предвидено во чл. 143 од Кривичниот законик поради неоснована употреба на физичка сила врз Ј.Н. од Битола.

Пријавата е поднесена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички стандарди и професионални истраги во МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција- Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања.

Против полицискиот службеник е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и суспензија од работното место. И против полицискиот службеник К.Г. кој непосредно бил присутен на местото на настанот и не преземал мерки за спречување на неоснованата употреба на физичка сила е поведена дисциплинска постапка и е суспендиран од работното место.

-Ниту еден ваков чин не може да се оправда! МВР вложува многу во менувањето на ликот и однесувањето на полициските службеници и покажавме дека нема да дозволиме, дури и вакви изолирани случаи, да поминат без одговорност и соодветна казна. Нашата цел е полиција која ќе биде во служба на граѓаните, која ќе биде во функција на нивна поголема безбедност, рече Спасовски.

Но, додаде министерот, мораме да кажеме дека за жал сме сведоци и на се позачестени напади врз полициските службеници.

-Очигледно е дека зголеменото присуство на полицијата на терен и јасната порака дека влегуваме во пресметка со криминалот предизвикува реакција кај криминалците. Таков е и случајот со дрвокрадците во велешко кои вчера нападнаа петмина полициски службеници, од кои еден наш колега со сериозни повреди е во клиничкиот центар во Скопје. Да бидеме јасни и никој да нема дилема. Секој што ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат, потенцира Спасовски.

Тој додаде дека веќе има приведени лица, дека продолжуваат претреси и дополнителни активности.

Претходна вестТатко и двајца синови нападнале полицајци по сообраќајка во Гази Баба
Следна вестНападнатиот полицаец од дрвокрадци има фрактура на черепот, подлактицата…