Многу министри му се изнаредија на болното здравство, ќе биде ли излекувано?

Здравствениот систем на Македонија е болен. Одамна, со децении. И целото тоа време му се изнаредира многу министри кои „со сите сили“ го лечеа. Ама, пациентот е на апарати…, чека доктор кој знае да постави дијагноза и кој потоа знае вистински да лекува, а не на прес конференции да му бае.

Треба ли да се наброи од што се боледува здравствениот систем? Кому не му е до крај јасно само нека отиде во некоја од болниците и нека прошета по ходниците 15 минути, доволно ќе му биде да ја види ситуацијата. А само болниците да се проблемот…, каде се набавките на лекови, каде се многуте пари дадени во здравството…

Ама секој министер кога ќе седне на удобната здравствена фотелја сместена во канцеларијата која не е оскудно опремена како болниците… веднаш ветува дека се ќе се среди.  

Јавноста токму деновиве беше сведок на такви старо-нови ветувања. Новиот министер за здравство Фатмир Меџити во своето прво претставување пред новинарите веднаш ги наведе своите приоритети – средување на сообраќајниот хаос на Клинички центар, промени во „поитивната листа“, поголеми плати, нов објект за Ургентен центар, почеток за нов Клинички центар. Меџити убедуваше дека има решение за овие проблеми и дека тоа ќе биде набрзо. Ајде да видиме.

А, колку за потсетување, и еден од неговите претходници Венко Филипче уште пред три години најавуваше решенија за сообраќајниот хаос во Клинички. Тогаш се случи градење на нови паркинзи кај Инфективна клиника и Клиника за гинекологија, се отвори уште еден нов влез, но сето тоа не беше доволно. Па, се вети и отворање на уште еден влез кај Клиниката за кардиологија, се вети проширување на влезот кај Клиниката за стоматологија, проширување на улицата зад Центарот… Но, сето ова не направи ни тој ниту неговите наследници. Хаосот си остана. Филипче вети и нов Клинички центар…

Не се ревидира ниту „позитивната“ листа и покрај бројни сили барања на здруженија на пациенти. А тие постојано предупредуваат дека листата веќе не се сменета повеќе од десет години, дека лековите на неа се веќе застарени и често исфрлени од употреба во други земји, дека има нови подобри лекови кои треба да се стават, дека на листата треба да се стават и скапите суплементи потребни на заболените… но, од сето тоа ништо. Исто како што не се зголемија платите на најголемиот дел од вработените во здравството, како што не се знае со кои пари ќе се финансира новиот Клинички центар за кој се потребни стотици милиони евра.

Излегува дека новиот министер ќе се занимава со стари „приоритети“. Може тој ќе ги реши? 

Традицијата да останат истите приоритети и за следниот министер не е за фалање. Напротив, многу е загрижувачка.

Претходна вестКазнети 247 несовесни возачи во Скопје, 17 возеле без возачка, 84 пребрзо…
Следна вестПриведен разбојникот кој поради „тешка кражба“ беше баран со потерница