Немате работа? Може да бидете попишувач, објавен уште еден конкурс

Државниот завод за статистика објави дополнителен јавен конкурс за реонски попишувачи и реонски инструктори, кој ќе трае од денес до 7 март.

Изборот ќе биде по пописни реони и според јазикот на кој ќе се врши попишувањето, а при изборот на кандидатите ќе се има предвид етничката структура на населението во соодветниот пописен реон. Од избраните кандидати за реонски попишувачи по пописни реони ќе бидат избрани 10 проценти повеќе резервни попишувачи од табелата-колона за вкупно попишувачи.

Кандидатите кои ќе се пријават на овој конкурс треба да се државјани на земјава, да се полнолетни, да имаат завршено најмалку средно образование и да се невработени. Од дополнителни услови се бара познавање на работа со компјутер и познавање на соодветниот јазик на заедницата во пописниот реон.

Изборот ќе се врши по пат на тестирање (проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и познавање на работа со персонален компјутер), кое ќе се спроведе во седиштата на комисиите на пописните реони за кандидатите кои имаат место на живеење во соодветниот пописен реон.

Кандидатите се пријавуваат електронски на: https://www.stat.gov.mk/popis/PrijavaPopis2021.aspx (пријава на македонски јазик) и https://www.stat.gov.mk/popis/PrijavaPopis2021_al.aspx (пријава на албански јазик) во периодот од 3 до 7 март 2021 година.

Претходна вестКонечно, се поставува атмосферска канализација на улица „Радушка“ во Дексион
Следна вестПартијата на Орбан ја напушти ЕПП