По паѓањето на потпорниот ѕид во Пинтија на проверка сите заштитни градби

Вчерашното силно невреме предизвика паѓање на потпорниот ѕид во населбата Пинтија, а по поправката, во периодот што следува ќе се изврши проверка на сите заштитни градби, најави вчера Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода. Тој во објавата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук наведе дека потпорниот ѕид на булеварот ,,Борис Трајковски” е под надлежност на градот Скопје.

-Сето ова ќе биде вратено не во првобитната состојба, туку во уште подобрена за да не ни се случуваат повеќе вакви работи и да го нарушуваат мирот, но и безбедноста на граѓаните. Во периодот што следи ќе биде извршена детална проверка на сите градби кои се направени во минатото, со цел да утврдиме дали можат да одговорат на временските неприлики кои и понатаму ќе се случуваат но и онаму каде што има потреба од дополнителни зафати да делуваме, затоа што безбедноста на моите сограѓани е приоритет, најави градоначалникот.

Ќе бидат извршени и детални контроли од инспекциските служби за квалитетот на изградба на потпорните ѕидови и на приватните парцели, особено онаму каде што теренот е стрмен.

-Таму каде што ќе биде утврдено дека се направиле недостатоци при градењето од различни причини, во наредниот период ќе прецизираме како ќе постапиме. Ги повикувам органите на правдата детално да го испитаат начинот на кој се градени потпорните ѕидови, најави тој.

Од Град Скопје вчера соопштија дека екипите на ЈП „Улици и патишта“ веднаш интервенирале.

-Се работи за разрушен потпорен ѕид во должина од над 30-тина метри, а причина за негово оштетување се неповолните временски услови односно наносот на поројниот дожд кој овие два дена го зафати Скопје. Се работи на отстранување на градежниот шут кој е настанат како последица на разрушувањето на потпорниот ѕид, за истиот да не преставува опасност при движењето на возилат, велат од Град Скопје.

Фото: ФБ

Претходна вестРегистрирани неколку земјотреси во тетовско-гостиварскиот регион
Следна вестВикендот ги разузда возачите, 36 биле пијани, 23 возеле без дозвола…