Се одложи судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, поранешниот директор Бесими не чувствува вина

Отсуството на двајца обвинети е причина за одложување на судењето за ланскиот пожар во тетовската модуларна болница што требаше да започне во тетовскиот Основен суд. За случајот се обвинети три физички и едно правно лице. Не беа дојдени двајца од обвинетите, еден од нив економскиот директор Артан Етеми кој имал работни обврски. Не беше дојден и дежурниот доктор кој е, исто така, обвинет во случајот. На рочиштето се појави директорот на тетовската болница, Флорин Бесими, кој си даде оставка по трагедијата во која изгореа 14 пациенти.

На излегување тој на новинарите им кажа дека е убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистината, а на прашањето „дали се чувствува виновен“, Бесими одговори:

-Тоа ќе го кажам во суд. Не, ќе го докажам.

Судењето се одложи за 14-ти октомври во 10 часот.

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Ф.Б и А.Е за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Б. В за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Обвинитеството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинжинер  и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија. Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.

Претходна вестАкција на Интерпол во 77 држави против криминал со моторни возила, во Македонија запленети 10 возила
Следна вестДали на Ковачевски гарант за влез во ЕУ во 2030 година му е Маричиќ?