Се слави Богојавление – крштевањето на Исус, годинава без фрлање на крстови во реките и езерата

Православните христијански верници денеска го празнуваат големиот празник Богојавление – Водици посветен на споменот на крштевањето на Исус Христос од страна на Јован Крстител во водите на реката Јордан. Славењето годинава ќе помине без собири на верниците на реките и езерата низ Македонија на кои што традиционално се вршеше и чинот на фрлање на крстот по кој скокаа стотици и стотици верници. До откажувањето дојде како резултат на потребата на почитување на превентивните мерки против корона вирусот и постигнатиот договор на МВР и на Македонската православна црква.

-Имавме состанок со МПЦ на кој што е договорено да не се одржи церемонијата за утрешното празнување на Водици. Апелирам да се почитуваат овие мерки, изјави вчера Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Прославата е откажана и во Охрид каде што последниве години имаше најголеми собирања на граѓани и учесници во скокањето по крстот. Дебарско-кичевската епархија повика да нема масовно собирање на верниците, а соопшти дека осветувањето на водите на Охридското езеро ќе се изврши во 11 часот. Во Скопската епархија изјавија дека нема да има фрлање на крстот во Вардар, а во црквите ќе се осветува богојављенска водичка. Оние верници кои ќе сакаат да си земат од оваа водичка можат да си дојдат во црква и да си земат од неа.

Инаку да потсетиме, Свети Јован Крстите чинот на крштевањето го извршил кога Исус Христос, Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го шири христијанството. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Штом се крстил и излегол од реката на Исус му се отвориле Небесата и Духот Божји во телесен вид како гулаб се спуштил над Него. Глас од Небесата говорел: “Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! “Гласот на Отецот е упатен кон Неговиот Син, но поради Него ги повикува сите луѓе од светот да станат синови и ќерки Божји.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.

Именден денеска празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана…

Претходна вестЗимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура од 25 јануари
Следна вестСончево и студено, температура до 3 степени