И депонијата во Волково во пламен, ја полнат и општински камиони?

Делови од Скопје продолжуваат да горат и чадат. Вчера новинарските екипи, по пријава од граѓани повторно регистрираа запалена голема депонија во Волково. Една од најголемите скопски, за која исто така локалната власт вети расчистување, но ете уште не е исчистена, дури напротив, општината се чини е решена сама ја полни депонијата.

Вчера, во исто време со новинарските екипи на местото пристигна и општински камион натоварен со смет. Во моментот кога ги забележа камерите не застана да го истури ѓубрето, туку продолжи, мина покрај депонијата.

На ова жителите од Волково не се зачудија.

-Ова не е прв пат, еве сега носеа кабаст отпад. Ама не се само камиони од нашата општина. И од други општини се носи тука. Ова е според старата народна, „село гори- баба се чешла“. Да им беше гајле на надлежните депониите ќе ги немаше, велат жителите на Волково.

Во меѓувреме, немаше интервенција за санирањето на запалената депонија во Маџари кај Вардариште – која гореше во понеделникот до доцна во ноќта. Но не само тој ден. Вардариште гореше и деновите пред тоа гушејќи ги скопјани особено на потегот кон општина Аеродром. За оваа депонија „Скопско ехо“ во повеќе наврати пишуваше, потсетувајќи ги надлежните дека за неа имаше ветување оти експресно ќе биде исчистена и дека е само привремена… Чистењето никогаш не се заврши.

Претходна вестМатични лекари протестираа против игнорантскиот однос кон нив за време на пандемијата
Следна вестОтворени гласачките места, граѓаните се изјаснуваат на парламентарните избори