Жените на осмомартовски марш: Дискриминирани сме, немаме ниту еднакви права ниту еднакви можности

Слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“ е мото на годинешниот осмомартовски марш што ќе се одржи вечерва во Скопје. Зад организацијата на маршот стои Платформата за родова еднаквост а со него ќе се одбележи Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените – 8 Март. Маршот ќе почне во 18:00 часот од плоштадот „Филип Втори“, а ќе заврши во паркот „Жена Борец“.

Овој марш, како што велат од Платформата за родова еднаквост, е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.

-Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот. Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири, посочуваат од од Платформата за родова еднаквост.

Жените кај нас, сметаат од Платформата, се соочени со политиките кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, со механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и со култура на насилство и мизогинија.

Од друга страна, закон со којшто ќе се казнува говорот на омраза ќе бараат пратеничките во Собранието откако во јавноста се почесто се искажуваат навреди, дисквалификации, дискриминација и омаловажувања не само кон нив, туку воопшто кон жените. Ова ќе биде еден од заклучоците што треба да бидат усвоени на денешената седницата во Собранието на која ќе се дискутира за напредокот на родовите прашања во изминатите дваесет години, откако постои и Клубот на пратенички.

Фото: Архива

Претходна вестПроменливо облачно, од утре повторно дожд
Следна вестСДСМ: Владеачката коалиција во Град Скопје против проектот за Универзална сала