Кој јазик го штити владата на СДСМ и ДУИ и чиј „чист јазик“ ќе влезе во ЕУ?

Кому му текне во Македонија го омаловажува македонскиот јазик. Го штити ли власта  темелот врз кој е граден македонскиот идентитет? Што прават министрите кои се дебело платени од македонскиот народ кога гледаат дека атакот врз службениот јазик во Македонија се засилува?

Да, власта најмалку по три пати дневно ни кажува „ќе влеземе во ЕУ со чист јазик“, ама не објаснува што за нив значи чист и како го сопираат секојдневното негово бербатење од злонамерници. И некако нејасно е, да не мислат тие за јазикот што го имаме во устите, а не на македонскиот јазик?

А како било порано, во турско, под разни други окупации? Народот сам го бранел, негувал и доразвивал својот македонски јазик. За тоа биле многу заслужни и видни дејци како Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин, Блаже Конески… Сите тие низ столетија, во разни периоди од македонската историја дале свој придонес во зацврстувањето и развивањето на македонскиот јазик.

Ѓорѓија Пулевски, големиот македонски културен и национален деец, во својот „Тријазичник“ од 1875 година посочува:

-Што се велит народ? – Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор и који живувајет и се другарат еден со други и који имејет једнакви обичаји и песни и весеља. Тие људите ји викајет народ, а место во које живуват народ се велит отчество од тој народ. Така и Македонците се народ и местово нивно је Македонија, напиша Пулевски.

На почетокот на XX век, Крсте Петков Мисирков во своето капитално дело „За македонцките работи“, во статијата насловена „Неколку зборој за македонцкиот литературен јазик“ ја продолжува на идејата за одделен македонски литературен јазик, иницирана од Ѓорѓија Пулевски.

„Но iас ке си дозвол’ам да повторам. Она iет: прво, Македониiа да се неутралисат за Бугариiа и Србиiа и да се оддалечит iеднакво од двете држаи и друго, она требит да се обiединит на iазична осноа. Тиiе принципи ке ракоодат изработуаiн’ето на литературниiот наш iазик; они ке ракоодат и праописот. На тиiе два принципа одгоарат: 1, Прилепцко-Битол’цкото наречиiе за литературен iазик, као iеднакво далеко и от србцкиiот и бугарцкиiот iазици, и централно во Македониiа. 2, фонетичниiот праопис со употребените во таiа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиiата и 3, речничниiот материiал да iет собраiн’е от сите македонцки наречиiа.“, посочувал Петков Мисирков.

Понатаму, во 1939 година е објавена поетската збирка „Бели мугри“ од Кочо Рацин која е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори. А тука се и делата: драмата „Ленче Кумановче“ („Бегалка“) од Васил Иљоски, „Печалбари“ од Антон Панов, „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле.

Круната на сите овие стремежи беше одлуката на АСНОМ на 2 август 1944 година македонскиот јазик да се воведе како службен јазик во македонската држава, што е официјално озаконување на литературниот јазик и неговата практична примена. Потоа, следува и конкретна кодификација на македонската азбука и на македонскиот правопис, во што клучна улога имаше Блаже Конески.

– Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски- ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште, порача академикот Конески.

Не дека овие мисли на нашите дејци ќе ги прочитаат министрите или премиерот, туку да ги прочитаме ние – Македонците – и да си го вардиме јазикот наш македонски.

 

Претходна вестПаркира кој каде стигне: 188 казни за само една недела, само во Центар
Следна вестИм пречи и налепницата НМК: Пак оштетени македонски возила во Грција