„Косењето“ на директорите во „Паркови и зеленило“ полесно оди отколку косењето на скопските тревници.  

Приоритетно, актуелно, интензивно… Вака вчера скопското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ на својата страница на Фејсбук ги опиша објавените фотографии на кои се гледаат нивните работници како ја коста тревата по разни делови од градот. Но, проблемот е во тоа што ваквата мобилизација доаѓа по веќе неколкунеделна оставеност на зелените површини сами на себе си. Обилните дождови и сонцето си го направија своето и придонесоа за бујна вегетација на зелените површини по скопските населби. Па, така, за кусо време тие се претворија во мини-џунгли, а по што уследија и бројни поплаки и коментари на граѓаните.

-Кај нас има трева до појас, трња на секој чекор. Срамота е ова. Змии ќе излезат уште малку… го коментираа граѓаните неангажманот на градското претпријатие но и на општинските раководства.

Сега, косењето како да започна но прашање е дали зелените површини може да се доведат во ред со оглед на бујна вегетација.

Прашањето на коешто треба да одговорат надлежните е дали мораше да се чека толку долго време за да почне косењето на тревните површини? Тоа е една редовна активност на градското претпријатие и на општините за која не треба да се има дилеми кога треба да се обавува. Наместо редовност, сега се има некаква забрзана активност за да се исправи пропуштеното. Но, градските власти не заборавија на тоа во ЈП „Паркови и зеленило“ да го постават и четвртиот директор по ред откако на челот на градот е новата градоначалничка. Излегува дека „косењето“ на директорите во „Паркови и зеленило“, очигледно полесно оди отколку косењето на скопските тревници…

Претходна вестНепозната индиска компанија преку ноќ стана најголемиот бродосопственик во светот, благодарение на руската нафта
Следна вестТрајковски постигна гол од 40 метри во Премиер лигата на Саудиска Арабија