Расправата за интерпелацијата за Џафери: Опозицијата обвинува за газење на Деловникот, спикерот одговара дека нема да дозволи да се корне микрофонот

Прекршување и газење на етичкиот Кодекс, непочитување на Деловникот за работа, претворање на Собранието во гласачка машина… се само дел од забелешките истакнати на денешната расправа по интерпелацијата за претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери. Никола Мицевски, координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја покрена интерпелацијата, во образложението на интерпелацијата рече дека Собранието е претворено во гласачка машина и дека се злоупотребува европското знаменце.

-Одземате збор неделовнички, а направивте и голем неделовнички деловник, за кој може да се одговора и кривично, е кога на 25 мај ја заклучивте опозицијата за да не излезе. Не, не е оправдување за да се пребројат присутните пратеници. Кодексот за работење на пратениците, го погазивте, рече Мицевски обраќајќи му се на Џафери.

Тој додаде дека не се почитувале договорите за координација поради што пратениците не можеле да ги планираат активностите.

-Колку и да имате направено добри работи, што не е спорно дека се направени, верувајте, со овие активности кои ги преземате вие имате сторено огромна повреда на Собранието. Очекувам сите пратеници кои потајно коментираат, вечерва до полноќ да гласаат за интерпелацијата, кажа Мицевски.

На ова одговори Џафери кој, во однос на наведеното во Интерпелчацијата дека се однесувал со пцости кон службениците на Собранието, рече дека тоа неосновано му се префрла.

-Службениците вие ги држевте во подрумите како затвореници. И сега, кога тие работи се надминати, ќе ми префрлате за односот кон нив. Па тие мора одговорно да работат, зашто се работи за парламент. Ќе работам според Деловникот и моите надлежности, нема да дозволам да се вратат сликите од 2012 за буџетот, или од 2016 година, или да дозволам тука да се доаѓа и да се корне микрофонот. Да ве потсетам дека во 2018 година овде се качи вашиот Груевски и сакаше директен контакт со мене. Каде бевте кога вашиот поранешен премиер ме поли со вода, кога дојде горе кај мене, потенцира Џафери.

Согласно Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ. Седницата ја води потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

Претходна вестТупанчески: И без ВМРО-ДПМНЕ ќе почнеме да работиме на измените на Изборниот законик
Следна вестЛевица и Муцунски во кавга околу метларките на Кочо Анѓушев