Се сечат зелени дрвја на„Орце Николов“, ќе се саделе уште позелени

Градските татковци најавуваа зелено Скопје. Скопјани помислија дека тоа значи – садење на нови и нови дрвја низ градот. Садење на некои места и имаше, ама…

Револт и незадоволството на граѓаните предизвика утринската сеча на 13 високо развиени дрва кои ја красеа улицата „Орце Николов“ во централното градско подрачје. Брмчењето на моторните тестери уште од рано изутрина ги разбудија граѓаните кои можеа да гледаат како паѓаат гранките и стеблата кои дваа свежина на мошне фреквентната улица.

Сечата, според надлежните од општина Центар е извршена поради потребите на реконструкцијата на улицата која е во втора фаза. Граѓаните не прифаќаат вакви објаснувања и потсетуваат на ветувањата на градоначалникот Саша Богдановиќ дека при обновата на улицата нема да настрада ниту едно дрво. На социјалните мрежи од утринава се споделуваат фотографии и коментари за овој чин.

– Саша Богдановиќ  “Ниедно дрво на Орце Николов нема да виде исечено”. Ова го повторивте неброено. Утрово исекоа 3 и продолжуваа!!! Само на еден мал потег. Едно до друго! Да, ќе речете дека биле стари и болни. Не, не требаше да се сечат, оти уште разеленуваа, си имаа живот…, потенцира граѓанката Жанета Трајковска на Фејсбук.

Реакција дојде и од Јана Белчева, поранешна претседателка на Советот на општина Центар.

-Се прави само за повеќе паркинг. Згради ќе никнуваат кај Треска, кај Холидеј ин… Кај што не успеавме да одбраниме, напиша таа на ФБ.

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ денеска изјави дека е водена сметка за секое дрво.

Дрвата кои се отстрануваат се стари и болни, со трули стебла, чии гранки удираат во станбените објекти кои се наоѓаат на улицата и претставуваат опасност за минувачите, објави Богдановиќ.

Градоначалникот најавува дека отстранетите дрва наесен ќе бидат заменети со нови, висококвалитетни садници од видот Јавор.

На 7 февруари 2019 година, кога ја најавуваше реконструкцијата на оваа улица Богдановиќ, меѓутоа, го изјави ова:

– Во проектирање на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри, рече тогаш Богдановиќ.

Претходна вестОд скромност ли Заев не кажува што успешно преговара со Софија?
Следна вестТројца нови со ковид примени во болница во Скопје за 24 часа