„Случајот Макавеев“ и „Чекајќи го Хандке“ премиерно вечерва во Кинотека на Македонија

„Случајот Макавеев“ и „Чекајќи го Хандке“ се двата документарни филма на еден од најпознатите документаристи на Балканот,
Горан Радовановиќ, кои ќе бидат прикажани вечерва во Кинотека на Македонија.

Почнуваат во 18 и 20 часот, а потоа Радовановиќ ќе одговара на прашањата на гледачите.

Случајот Макавеев или процес во киносалата (2018, 74 мин., колор/црно-бел, ДЦП) го осветлува можеби најекстремниот случај на политичка цензура во некогашна Југославија, судскиот процес на филмот В.Р. мистерии на орга(ни)змот на режисерот Душан Макавеев во 1971 година. Филмот на Макавеев подигнал голема прашина и политичките кругови во тогашна Југославија, сакале да го забранат по секоја цена, сметајќи го како врв на т.н. „црн бран“ во југословенската кинематографија.

Филмот Чекајќи го Хандке (2021, 74 мин., колор, ДЦП), кој имаше светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Санкт Петербург, Русија, на почетокот на ноември, ја следи приказната на винарот Срѓан Петровиќ од местото Велика Хоча на Косово. Откако Петровиќ ја слушнал веста дека австрискиот писател со париска адреса Петер Хандке (Peter Handke) ја добил Нобеловата награда за книжевност во 2019 година, добива инспирација да стави плоча со ликот на писателот на ѕидот на неговата винарија. Хандке неколку пати ја има посетено и престојувал во таа винарија, и поставувањето на спомен-плочата, како знак на благодарност до овој писател во изолираната и гетоизирана српска енклава на Косово, станува сизифовски потфат, кој ја открива животната драма на преостанатото српско население.

Претходна вестЌе има ли постапки за директори на АВРМ за трошењето пари од касата без усул?
Следна вестКочо Рацин на денешен ден во 1939 година: Денови ли се – денови аргатски маки големи!