Законот нејасен, кои „придружни дејности“ ќе можат да работат во недела?

Кои се фирмите од придружни или помошни дејности кои ќе работат во недела? Ова прашање останува да виси откако владата завчера ја објави одлуката, односно законот, за недела-неработен ден. Зошто ова не е прецизно наведено во законскиот текст кој веќе оди во Собрание? Што значи придружна или помошна дејност? Можни ли се злоупотреби?

Дилемите оставаат простор за различни толкувања но и сомнеж за нетранспаретност и нееднакви проценки на производните дејности за кои би требало или не да важи неработниот неделен ден, што инаку ќе стартува од 1 октомври.

Во врска со ова токму вчера, во реакцијата на одлуката на владата, Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ порача дека е „продавање магла“. Според неа во законот нема дадено и автентично толкување за фирмите кои имаат карактер на придружни или помошни дејности, кои можат да работат во недела.

-Па така, можат да произлезат уште 100 од нив и фактички ќе биде легално прекршување на работничките права во име на профитот, вели Ампева.

Претходна вестПретпладне сончево, попладне можно е невреме со силен дожд
Следна вестВо сабота омаж „#Драмски за Конески“ со познати македонски актери